Стратегија за унапредување на правата на децата на подрачјето на Град Скопје ...
ДЕЦАТА ПРЕД СÈ. Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022.
1. ДЕЦАТА ПРЕД СÈ...
Зборот дете секогаш треба да се изговара со длабок наклон и вдахновено, највдахновено што
може. Да се изговара ,,дете!" со љубов, благост, почит, инспирација, фантазија, со знаење, но и со
обврска. Со мудрост која одговара на детската мудрост, а таа е неисцрпна и несогорлива.
Сè што треба да знаете за детето, цветот на овој свет, е всушност сè што треба да знаете за светот
и за животот. Тоа со себе ги донесува сите тајни и одговори.
Детето е чудотворно, тоа е распрскувач на љубовта, двигател, сила на постоењето, единствен
легитимен наследник на постоењето. И на планетата Земја.
И како такво, секое дете е посебен свет во овој Свет, подеднакво важно, на кој му припаѓа и ќе му
припадне овој Свет.
Децата, ја заслужуваат среќата, не среќата мерена со дланките на возрасните (тие многу често и не
знаат во колкава мера треба да ја послужат на децата), туку среќата мерена токму со детските
дланки, кои навидум се мали, но се во димензија на сиот Универзум.
Детето е чист дестилат од Љубов. Детето е плод на Љубовта. Тоа е мешавина од сончев сјај, полен
и пролет. Нешто што го оплодува и облагородува Светот. Децата се крилјата на човештвото.
„А, (зборот) дете и старецот сед го окрепнува“, рекол мудрецот.
И, затоа, секое дете заслужува да е најсреќно! Секое, без исклучок. Треба да се стремиме кон
оваа, навидум утопија. Затоа што, тие го красат светот на возрасните. Но, не секогаш светот на
возрасните го краси нивниот свет.
2. Во реалност децата знаат да бидат фрлени и во друга крајност и да бидат изложени на
запоставување, на мачење и терор, од страна на возрасните. Суровиот свет и лошите услови
направиле некои деца да не се најсреќни, да прегоруваат и горат во суровиот свет, И тоа е болка
на човештвото, болка за која лек мора да се најде, на секој меридијан. Што поскоро.
Колку ним човештвото им должи? − Им должи сè.
Идејата да се усреќат децата е предизвикувачка! За секој од нас.
„Правата“ се првото име на љубовта кон децата. Зашто дете без своите права, какво дете е тоа?
Децата се крвоток во едно општество, но и свежата крв на тој организам. Тие се најважни.
***
И таму каде што сите ги вртат главите и одминуваат, несогледувајќи ги детските проблеми,
човекољупците од МЕЃАШИ застануваат и го отворат своето срце. За децата.
Таму каде што човечка рака му го скршило срцето на некое дете, таму тие подзастануваат и со
мелем му ги пополнуваат тие пукнатини, со цела ризница дарови: внимание, љубов, грижа,
решение. За да се залечат и да не се познаваат лузнички.
Читајќи за нив, верувам и во вас целосно ќе се разбуди она што го поседувате. Сето човекољубие.
Но, штом ја имате оваа книга в раце, и вие сте едни од нив, човекољупците! Вистински љубители
на децата!
Посветеноста и обврската кон децата, луѓето од МЕЃАШИ успеваат да ја изразат конкретно, она
што некој целиот живот само се обидува, односно недоволно се ангажира... Искуствата нека ни
помогнат во тоа. И негативните да ги претвориме во позитивни. Сите се раѓаме како оптимисти и
човекољупци, но во текот на животот честопати возрасните луѓе, за жал, ги прескокнуваат овие
свои карактеристики. И кога секој во нас би ја открил и засилил внатрешната сила на емпатијата,
не е можно да се каже колку би станал светот подобар. Предобар би станал, и би настанал
значителен пресврт. Во корист на сите нас. Да ги снема лошите пречки за добра иднина. Да
тргнеме од бездомништвото, сиромаштијата, прогонството и ред други страдања. Инстинктивно
чувствуваме болка кога ќе видиме човек во ваква понижувачка состојба. Можеме против тоа да се
бориме цел живот, а да не постигнеме ништо. Ако немаме план и акција.
Таквото сознание често нè обесхрабрува и на крајот не правиме ништо, додека од секој од нас се
очекува за општо добро да придонесеме со добри примери и дела. Решението на проблемите не
е во седење со скрстени раце и во мечтаење за добри денови, туку треба да се покаже искрен
интерес и повеќе осет за туѓите потреби. Токму како што тоа го прават МЕЃАШИ.
Во добрите примери и делата на МЕЃАШИ сигурна сум ќе ги најдете сите идеи и инспирации кои
ви се потребни. Иницијативите кои тие ги разменуваат со децата се многу моќни, а делата
чудотворни.
Колку е потребна и важна правдата, велат, најмногу се гледа кога ја нема. Сите понекогаш сме
биле во ситуација да ја почувствуваме студената острица на животот. Тоа треба да нè научи да
бидеме подобри кон другите, да не заборавиме дека животот има различни лица, и во таа смисла
ќе ве изненадат вистините кои ќе ги откриете читајќи ја оваа книга за светот на МЕЃАШИ и што сè
3. тие правеле во изминативе 30 години, а сите детали може да се прочитаат и на
http://childrensembassy.org.mk/
Затоа, да ја оставиме приказната за МЕЃАШИ да кружи низ светот, да го доживееме овој тим и
неговите дела како мал дар од небото кој треба да нè потсети дека доколку децата не се среќни,
ниедна приказна не може да биде среќна. Пораката да ги допре срцата на луѓето, да ум го зачува
непоматен разумот на моќниците кои одлучуваат за многу важни работи, да ја зголемиме
добрината, која всушност е најважниот енергетски погон на Вселената. Зашто, човештвото, покрај
сите војни, уништувања и истребувања на луѓе и нации, опстоило и продолжило да постои
благодарение на добрите луѓе полни со љубов, разбирање и волја за помош кон другите.
Сите ние сме длабоко испреплетени меѓу себе и никој не смее да се чувствува како „роза среде
пустина“. Секое дете е бисер. Нашите деца се нашата суштина, на семејството, на човекот.
Затоа, нашиот универзален и најблагороден потфат е да го подредиме светот во интерес на
нивните желби, нивниот мир и нивната спокојна иднина.
Нечесен, лажлив, лицемерен, завидлив, дволичен, насилнички и тоа без пардон, знае да биде
светот на возрасните. А, пак да повторам, децата се единствените и легитимните наследници на
светот. Но, за жал, нивните права (како да) се фрлени на маргините и згазени од чизмата на
Лошиот и Неправедниот.
Правото на детето е планетарна вредност и никогаш не почнува и завршува само на едно место и
во едно време.
Несомнено, самите ваши дланки ќе почнат да аплаудираат кога ќе прочитате што сè направиле
МЕЃАШИ и колку многу активности, кои се рефлектирале во насока на детските права во земјава и
низ многу меридијани. Први се во својата мисија, првенци во својата работа. Прва детска
амбасада во светот! Пионери!
Тие неуморно и пожртвувано ја остваруваат својата мисија. Секогаш и одново ширејќи ја својата
рамка, правејќи ја сеопфатна, побогата, поправедна, секогаш со нова идеја и цел, нова визија и
сила. Им порачувам и натаму да истраат на ова благородно поле на дејност. МЕЃАШИ, јас од срце
ви посакувам и натаму да сте сè - Универзумскиот светилник за детските права, таа светлина еден
ден ќе биде нивната иднина!
А ваше дело и гордост!
(Од авторката)
Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022
Монографијата можете да ја прочитате на следната страна bit.ly/3MuRkxa