Треба да се поклониме....Пишува Валентина Ѓоргиевска, авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022.docx
1. Треба да се поклониме... Пишува: Валентина Ѓоргиевска, авторка на Монографијата 30 години
МЕЃАШИ 1992-2022
Да! Треба да се поклониме пред децата и од нас кон нив да тргне најсилен аплауз, зашто
неправдите на големиот човек тие ги поднесуваат на своите кревки плеќи. Треба да се аплаудира
и пред МЕЃАШИ, затоа што тие ја почувствуваа детската болка на Балканот и на сите начини се
обидоа да ја ублажат и залечат. И затоа што ги создаваа правилата кои немаше од каде да ги
прочитаат и да ги знаат, по кои трасирани патеки да одат... Но, сами ги создаваа, и тоа многу
успешно. Тие се основачи на нов правилник за однос кон децата. Двигатели на промени.
Детската Амбасада МЕЃАШИ успешно се обиде на незаштитените да им даде засолниште, на
неспокојните парче спокој, на настраданите да им помогне и на обесправените да им стави на
дланки искра за правда, да превенира каде може и да расчисти терен за децата кои доаѓаат.
Токму затоа Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ е од НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ . И не
може да се измери само од денес до денес, нејзината вредност допрва ќе се мери. Нивната
работа сиве три поминати децении беше разнолика, пејзажна (затоа што ги допре и обработи сите
полиња на интерес на децата) и филигранска (затоа што неосетно и најпрецизно допре до
најситната пора, до сите болки на децата, ги избриша нивните солзи и постави нови постулати на
права и правила и среќна иднина за сите). Реални, поучни, професионални и најдобронамерни
решенија, закони и пораки, се дел од целокупниот нивни ефект.
Амбасадата помина еден силен процес на зреење. Но, не само тоа. За овие 30 години, сите ние
растевме преку работата на Амбасадата, дознававме работи кои дотогаш не ни биле важни за
децата или не сме ги забележувале, стекнувавме нови сознанија, во глава ни се разместуваа нови
визии, ни стана видливо дотогаш невидливото, тргнавме во потраги по нови правила, па оттука
работата на МЕЃАШИ е универзална, вонвременска, нема мерка време и простор.
2. Правилата и прописите не важат секаде исто, но етичките стандарди се универзални. Затоа, она
што е порака на МЕЃАШИ денес, ќе биде порака за навек. Она што е нивна порака овде и сега, ќе
биде и на која било точка и кога било.
Во тие 30 години предадена борба за правата на децата, вредните дејци од Амбасадата на
виделина ги извадија сите работи невидливи со „голо око“. Ни дадоа лупа во рака. Нè учеа како да
ги препознаваме опасностите, како да се ублажи болката онаму каде што не
може да се спречи, да се превенира од опасностите кои го демнат детето. МЕЃАШИ нè учат да се
одучиме од обрасците кои довеле до нечии лоши детства и да научиме некои нови, кои ќе го
осветлат нивниот свет и детскиот пат на некои нови „клинци“... Нивната улога е бесценета!
За нив децата не се само оние на кои треба да им се зборува во деминутивчиња. За нив се
рамноправни личности кои вредат и за кои мора сè да сториме, со време.
Тие се неуморни борци.
Нè научија да не сме рамнодушни на неправдата кон децата, кон сè она што што им прави
(потенцијален) проблем, сè она што има тенденција да ги вознемири. Се борат против оние луѓе
чии постапки и навики се лоши, кои гледаат да им го отежнат и/ли загорчат животот на децата, да
им предизвикаат немир.
Светската награда „Ангел на годината“, освоена во Италија, своевремено, зборува многу за
нивниот меѓународен углед и реноме...
Но, несомнено најголем комплимент е тоа што за нив се изучува во учебникот за трето одделение
и во некои учебници за деца од основно и средно образование, со што е и првата невладина
организација која влезе во учебник.
Правата на децата. Сè ми се чини, таа „материја“ нема крај, тоа е несопирлива задача за нас
возрасните, затоа што, за жал, и покрај сè, степенот на неправди и злосторства кон децата и ден
денес расте.
Кај нив и кога се затвора едно прашање, секогаш се раѓаат сто нови. Вечна е борбата за правата на
децата, зашто тие се само на хартија...
***
И тука се отвора прашање: Што сè треба да им дадеме на децата? Се разбира, квалитетен живот,
чист воздух, слобода и сите радости на детството − да им посветиме време, да им раскажуваме и
да ги подготвуваме за животот, да ги оставиме да другаруваат, да ги оставиме да го развиваат
својот талент што го имаат, да ги носиме во природа да се брчкаат во вирчиња, да градат кули од
песок крај езерскиот брег, да ги хранат животните, да не ги заробуваат, да се шлапкаат на дождот,
да си играат на снег... Да растат среќно.
Да ги советуваме правилно. На хуманост, емпатија, прифаќање на вредности, на благодарност, на
делење, на дарување, на самодоверба. И да укажат помош кога некој има потреба од тоа.
3. Нека ја почувствуваат и запамтат радоста на животот и детството. Да ги поддржиме и кога грешат
и да им помогнеме кога навистина страдаат. Страдаат од војни, од прогонства, од лудоста на
возрасните. Ова последново, чинам, е најтешкото…
***
Почитувани и драги,
голема е авторската дилема кога се пишува за толку обемна и континуирана повеќеслојна
тематика за која може да се напишат томови, да се сместат во неколку стотици страници, а во нив
да биде опфатено сè.
Многу активности се во прашање, од моментот кога Гордана Пирковска Змијанац тој 8 јуни 1991
на телевизија ги гледала тогаш најпознатите вести Јутел. Загрижена и потиштена од
општествените случувања тоа време, одбива да биде нем сведок на неправдите, непосредно пред
распадот на поранешна Југославија. Воодушевена од идејата за формирање амбасада на децата,
таа веднаш утредента стапува во контакт со господинот Душко Томиќ, со кого започнуваат
договарањата за отворањето на новата организација во Македонија, во текот на следните 10
месеци.
Сите тие, бескомпромисно и пожртвувано водени активности го втемелуваат угледот на МЕЃАШИ
и ја продлабочуваат нивната важност и мисија, која главно се состоела од неколку фази и неколку
поглавја:
-пружање поддршка и прифаќање бегалци во воени услови;
-лоцирање на неправдите;
-истакнување на аномалиите;
-посочување, делување, поставување правила и нови барања за правда;
-едуцирање, надградување и трасирање посветли патишта за новите генерации, по патеките на
мировното образование.
Потоа борба за сузбивање на детската сиромаштија, бездомништво, непоседување документи,
насилство, сексуално вознемирување и напаствување, родосквернавење, запоставување... се дел
од она со кое се бореле три децении, сè со цел да се стигне до правда, похуман свет, мир и
ненасилство.
Токму заради тоа, оваа книга не може да биде како секоја друга „вообичаена“ монографија, во
која само редоследно и хронолошки се редат најважните настани и датуми. Ова е можеби
најспецифична книга, зашто овде хронологијата и статистиката, иако се значајни и важни, се
ставаат во втор план, после суштината и содржината која е многуслојна, и по вертикала и по
хоризонтала. Голема беше обврската да се состави сето тоа, најописно, со најлежерен пристап и
со помалку патетика и тага за да не измамува солза во секој ред додека пловиме по бурното море
на детските неправди. Верувам, со тимот успеавме во тоа!
(Валентина)
Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022