ВРАЌАЊЕ НА СРЕДСТВА ОД ПЕРСОНАЛНИОТ ДАНОК НА ДОХОД НА ГРЃАНИТЕ СО МЕСЕЧНА ПЛАТА ДО 12.000 ДЕНАРИ Враќањето на персоналниот данок на доход, што претходно ќе биде уплатен од страна на работодавачите, ќе се врши на секои три месеци. Постојните лични ослободувања при пресметувањето на персоналецот ќе останат да важат и понатаму; Се работи за враќање на средствата од персоналниот данок, а не за ослободување од данокот, со цел, наместо кај работодавачите, парите да завршат кај граѓаните. Токму во тоа е улогата на владата – да биде праведен прераспределувач; И оваа мерка е наменета за подобрување на приходите и куповната моќ на сите граѓани во Македонија, а најмногу на оние со ниски примања; Над 150.000 граѓани на Република Македонија, и тоа граѓани кои сега припаѓаат на сиромашната класа која СДСМ сака да ја врати во средна класа, ќе ги добијат парите назад во своите семејни буџети. СТИМУЛИРАЊЕ НА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ ИЗВОЗОТ, ИНВЕСТИЦИИТЕ И ОТВОРАЊЕ НА НОВИ РАБОТНИ МЕСТА Прва мерка: Ослободување од данок на добивка на претпријатија коишто ќе остварат пораст на извозот. Целосно ослободување од данок на добивка на оние претпријатија што ќе остварат пораст на својот извоз над 20% во однос на просекот во претходните 3 години. Тоа ослободување, претпријатијата ќе го имаат во секоја година во којашто ќе остварат толкав пораст на својот извоз. Со оваа мерка ќе ги стимулираме македонските бизниси да се фокусираат на пласирање на нивните производи и услуги на странски пазари. Втора мерка: Ослободување од данок на добивка во траење од 3 години на претпријатија кои ќе започнат со дејност во недоволно развиените подрачја и региони во Македонија. Трета мерка: Ослободување од данок на добивка во траење од 3 години на повратниците од странство, кои своите заштеди од работењето во странство ќе ги вложат во отворање на сопствен бизнис, или во опрема во постоечко претпријатие во Македонија. Дополнително, доколку во тие претпријатија бидат вработени нови најмалку 50 лица, даночното ослободување ќе може да се продолжи за уште 2 години (на вкупно 5 години).